Корисничко име Лозинка Пријави се
14.10.2015

Ван Перси: Откажувањето не е опција

Робин ван Перси, напаѓачот на Фенербахче, изјави дека и понатаму сака да игра за Холандија, и покрај дебаклот во квалификациите за Европското првенство.

Холандија само пред една година го зазеде третото место на Светското првенство во Бразил, но во штотуку завршените квалификации беше зад Чешка, Исланд и Турција и нема да игра во Франција.
„Мораме да ги надминеме сите проблеми во наредната година. Се случија многу работи, но сигурен сум дека и понатаму му стојам на располагање на селекторот. Чест е да се игра за Холандија, како во добрите така и во лошите времиња“, изјави Ван Перси по поразот од Чешка во Амстердам (3-2), во којшто постигна гол и автогол.
Холанѓанецот изјави дека не бега од одговорноста во тешките ситуации, како што е оваа, бидејќи Холандија за прв пат по 1984 година ќе го пропушти Европското првенство.
„Откажувањето за мене не е опција. Сепак, многу од тоа ќе зависи дали ќе бидам подготвен“, додаде Ван Перси.
Со доаѓањето на селекторот Дани Блинд, Ван Перси ја изгуби капитенската лента, која сега ја носи Арјен Робен, а често не е ниту прва напаѓачка опција.
Ван Перси за Холандија одигра 101 натпревар и постигна 50 голови, што го прави најдобар стрелец во историјата на националниот тим.

Најнови вести