Корисничко име Лозинка Пријави се
13.10.2015

Русија и Словачка директно се пласираа на Евро 2016

Репрезентациите на Русија и на Словачка обезбедија директен пласман на Европското првенство 2016 година по одиграните натпревари од десеттото коло во своите групи.

Од трите групи кои играа синоќа, претходно пласман обезбедија и: Шпанија, Англија, Швајцарија и Австрија.
Англиската репрезентација со победата над Литванија на гости е единствена која квалификациите ги заврши со максимални десет победи.
Фудбалерите на Украина во Киев беа поразени од Шпанија во последното коло од квалификациите за Европското првенство, а со овој резултат најмногу би можеле да се израдуваат Унгарците. Тие се најблиску до директен пласман на континенталното првенство како најдобар третопласиран тим, додека Украинците шанса ќе бараат во баражот со уште седум екипи.
Победата на комбинираната „црвена фурија“ ѝ ја донесе Марио Гаспар во 22-рата минута, а само три минути подоцна Сеск Фабрегас не го реализираше пеналот.
Словачка со триумфот во Лихтенштајн (4-2) ја завери визата за Франција, а победа во гости славеа Англија во Литванија со 3-0 и Словенија во Сан Марино со 2-0. Словачка обезбеди директен пласман на Европското првенство, додека Словенците ќе играат во баражот.
Швајцарија со автоголот на Клаван во продолжението ја победи Естонија, а во дуелот меѓу Белорусија и Македонија немаше голови.
Директен пласман на Европското првенство избори и Русија.
Во Франција ќе патуваат Исланд и Чешка од групата А, Белгија и Велс од групата Б, Германија и Полска од групата Д, Англија и Швајцарија од групата Е, Северна Ирска и Романија од групата Ф, Австрија и Русија од групата Г и Португалија и Албанија од групата И.
Пет екипи се дебитанти, Исланд, Велс, Северна Ирска, Албанија и Словачка.
Во групата Х, на Норвешка ѝ е потребна победа во Рим ако сака директно со Италијанците на Европското првенство.
По одигрувањето на денешните натпревари ќе бидат познати сите репрезентации кои директно ќе се пласираат на Европското првенство 2016 во Франција, како и осумте селекции кои ќе играат во баражот.

Најнови вести