Корисничко име Лозинка Пријави се
19.8.2015

Ван Хал: Штета што дадовме само три гола

Луис ван Хал, менаџерот на Манчестер јунајтед, е среќен поради третиот гол, но е незадоволен од големиот број промашувања на својот тим.

Јунајтед го совлада Клуб Бриж со 3-1 во првиот натпревар од плејофот за пласман во Лигата на шампионите, а третиот гол го постигна во последните секунди од продолжението.
„Третиот гол прави голема разлика, бидејќи 2-1 е многу тежок резултат. Заслуживме многу повеќе бидејќи создадовме многу шанси. Секогаш кажувам дека мора да бидеме многу ефикасни, а покрај толку шанси, дадовме само три гола“, изјави Ван Хал.
Јунајтед губеше од Белгијците, но уште до полувремето направи пресврт на резултатот благодарение на головите на Мемфис Депај.
„Среќен сум поради головите на Депај, бидејќи му беа потребни. Кажував дека е прашање на време кога ќе проработи. Има само 21 година, одигра само две сезони во ПСВ, имам доверба во него“, изјави Холанѓанецот.
Јунајтед е на чекор да се врати во Лигата на шампионите, по едногодишната пауза.
„Клуб Бриж не е едноставен противник, сè уште е во игра, но поради третиот гол, ние имаме поголема самодоверба пред реваншот“, додаде Ван Хал.

Најнови вести