Корисничко име Лозинка Пријави се
24.6.2015

Арда Туран сака во Премиер лигата

Арда Туран, фудбалерот на Атлетико Мадрид, сака да ја напушти таа екипа и да направи трансфер во еден од клубовите на англиската Премиер лига, изјави неговиот агент Ахмет Булут.

Британските медиуми претходните седмици шпекулираа дека за Арда Туран се заинтересирани Ливерпул и Манчестер сити, а агентот Ахмет Булут изјави дека преговара со три клуба и дека неговиот клиент е заинтересиран за трансфер во Англија.
Туран во 2011 година од Галатасарај стигна во Атлетико Мадрид, со кого ги освои: првенството, Кралскиот куп, Лигата на Европа и во 2014 година играше во финалето на Лигата на шампионите.
„Ова лето тој има намера да ја напушти Шпанија. Арда сака да игра во Премиер лигата, тој би сакал таму да ја продолжи кариерата“, изјави Булут за „Ас“.
Булут додаде дека мали се шансите Туран да направи трансфер во клуб кој нема да игра во Лигата на шампионите и дека оштетата за 28-годишниот турски репрезентативец изнесува 41 милион евра.
„Неговото заминување од Атлетико нема да биде лесно бидејќи оштетата изнесува 41 милион евра. Моментно преговараме со три клуба. Не можам да ги именувам, но тоа се најдобрите англиски и европски клубови“, додаде агентот на Туран.
Тој изјави дека и ПСЖ е заинтересиран за неговиот клиент, но дека Арда сепак сака да игра во Премиер лигата.
„Точно е дека Милан и ПСЖ се два од шесте заинтересирани клубови, но италијанскиот клуб не доаѓа предвид бидејќи нема да игра во Лигата на шампионите. ПСЖ е можен, но Туран има голема желба да се докаже во Англија“, изјави Булут.

Најнови вести