Корисничко име Лозинка Пријави се
09.3.2015

Инзаги: Сè е на челниците на клубот

Филипо Инзаги, тренерот на Милан, изјави дека ќе ја напушти функцијата доколку управата на клубот верува дека тоа е вистинскиот потег, но дека нема да поднесе оставка.

Инзаги се најде на удар на медиумите и на навивачите по ремито од 2-2 со Верона во Серија А поради тоа што во финишот на натпреварот се определи за дефанзивна тактика, по што во продолжението на средбата неговиот тим прими гол.
„Многу сме разочарани, верувавме дека ќе излеземе од кризата, но примивме изненадувачки гол како најголеми незнајковци. Одлично одигравме, но не успеавме да освоиме три бодови и сега сме очајни. Што се однесува до мојот статус, клубот мора да донесе исправна одлука и сè е на челниците. Гледам само напред и ќе видиме што ќе се случи“, изјави Инзаги.
Инзаги изјави зошто по водството на напаѓачот Џампаоло Пацини, донел одлука да го замени со стоперот Салваторе Бокети во 77-мата минута.
„Редот за врска беше истрошен и немав адекватна замена, па сакав Лука Антонели да го преместам во офанзива и преку контри да ја загрозиме Верона. Мислев дека побрзо ќе постигнеме отколку да примиме гол. Сепак, тоа не се случи“, изјави Инзаги.
Како можен кандидат за клупата на „росонерите“ се споменуваат Мауро Тасоти, тренерот на вториот тим на Милан, и Кристијан Броки, некогашниот соиграч на Инзаги.
Милан се наоѓа на десеттото место на табелата на Серија А со 35 бодови.

Најнови вести