Корисничко име Лозинка Пријави се
07.10.2013

Кличко го победи Поветкин и го одбрани тронот

Украинскиот професионален боксер Владимир Кличко ја одбрани титулата светски шампион во тешка категорија во ВБА, ИБФ, ВБО и ИБП бидејќи на поени во 12 рунди го победи предизвикувачот, Русинот Александар Поветкин.

Иако беше најавуван како меч на деценијата, борбата во „Олимпискиот стадион“ во Москва не донесе премногу возбудувања. Триесет и седумгодишниот Кличко покажа дека со право е апсолутен шампион бидејќи во текот на целата борба беше значително подобар, зададе многу повеќе удари и без проблеми ја задржа титулата.
Спектаклот пред 14.000 гледачи потврди дека искусниот Украинец моментно е неприкосновен во светот на боксот. Лесно се движеше во рингот и со навремени крошеи го држеше ривалот на растојание, а во седмата рунда со силен удар го собори.
Три години помладиот Поветкин брзо стана и ја продолжи борбата, но беше јасно дека нема ниту квалитет ниту сила сериозно да му се спротивстави на доминантниот шампион.
Кличко ја оствари 61-вата победа во кариерата, со три порази, и несовладлив е цели десет години, додека предизвикувачот Поветкин го претрпе првиот пораз откако славеше на 26 професионални мечеви, од кои 18 со нокаут.
Во воведната борба за континенталната ВБА-титула Руслан Чагаев од Узбекистан на поени го победи српскиот боксер Јово Пудар.