Корисничко име Лозинка Пријави се
09.7.2012

Кошаркарите на Нигерија се пласираа на ОИ

Африканската селекција во одлучувачкиот меч ја победи Доминиканската Република.

Кошаркарската репрезентација на Нигерија е последната екипа која обезбеди пласман на Олимписките игри во Лондон, откако синоќа ја победи Доминиканската Република со 88:73 и го зазеде третото место во квалификацискиот турнир во Каракас. Нигерија ја предводеше Ике Диогу со 25 поени, а најефикасен во тимот на Доминиканската Република беше Џек Мартинез со 16.
„Многу сум среќен. Го направивме она што беше потребно. Знаевме дека ќе биде тежок натпревар, меѓутоа дадовме доволно за да победиме и да избориме пласман на Олимписките игри“, рече Диогу, кој е прогласен за најкорисен играч на квалификацискиот турнир во Венецуела.
Пласман на Олимписките игри претходно на турнирот во Каракас изборија репрезентациите на Русија и Литванија. Литванија и Нигерија ќе се најдат во групата А на Олимписките игри со Тунис, Франција, Аргентина и САД, додека Русите ќе играат во групата Б со Кина, Бразил, Австралија, Шпанија и Велика Британија.
Олимписките игри во Лондон ќе се одржат од 27-ми јули до 12-ти август.

Најнови вести