Корисничко име Лозинка Пријави се
07.7.2012

Македонија остана без Олимпијада

Македонската репрезентација загуби во четврт-финалниот дуел со Доминиканска република со 76:86 и нема да игра на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри во Лондон.

По првото полувреме ретко кој веруваше дека Македонија нема да игра во полуфиналето на квалификацискиот турнир за пласман на Олимпијадата.
Нашите кошаркари одлично го почнаа натпреварот и на стартот имаа предност од 10:0, а првата четвртина ја добивме со резултат 23:10. Продолживме во тој ритам и во втората четвртина и во еден момент имавме и 20 поени предност (37:17), а резултатот на полувремето беше 41:28.
Но, во второто полувреме видовме сосема поразлично издание на кошаркарите на Доминиканската република. Го засилија темпото и направија серија од 12:2 на почетокот на третата четвртина, а потпомогнати со неколку судиски одлуки во нивна корист ја анулираа предноста и поведоа, по што нашите репрезентативци почнаа да го бркаат резултатот, но до крајот на натпреварот не успеаја повторно да дојдат во водство. На крајот, Доминиканците славеа со 86:76 и го прекинаа нашиот олимписки сон за пласман на кошаркарскиот турнир во Лондон.
Лестер Бо Мекејлеб беше најефикасен во нашата селекција со 35 поени, но тоа не беше доволно за победа. Владо Илиевски постигна 16 поени, а Предраг Самарџиски одигра одлично во првиот дел со 11 поени и 13 скокови, но во вториот дел не беше толку ефикасен. Перо Антиќ поради личните грешки мина само 19 минути на теренот, а останатите не се снајдоа најдобро против брзите Доминиканци.
Франциско Гарсија имаше одлична шутерска вечер со 30 поени, Ал Хорфорд постигна 14 поени и имаше 15 скокови, Џек Мартинез 14 поени и 13 скокови и тие беа најзаслужни за пресвртот кој го направи Доминиканската република.

Најнови вести