Корисничко име Лозинка Пријави се
25.4.2012

Ворлд Пис суспендиран седум натпревари

Дејвид Штерн, комесарот на НБА-лигата, потврди дека Мета Ворлд Пис, играчот на Лос Анџелес, е суспендиран на седум натпревари поради удирање на противничкиот играч Џејмс Харден.

Крилниот играч, кој порано беше познат како Рон Артест, пред неколку дена намерно го удри со лакот Харден, а ќе го пропушти последниот натпревар од регуларната сезона против Сакраменто, како и уште шест натпревари од плејофот.
„Повредата што ја претрпе Харден покажа колку може да биде опасен и насилен ударот што го направи Ворлд Пис, посебно во пределот на главата. Остануваме посветени на неопходните санкции за да ја одржиме сигурноста на НБА-играчите, вклучувајќи и адекватни казни за играчите коишто имаат историја на насилно однесување“, рече Штерн.
Артест во 2004 година беше суспендиран дури на 86 натпревари, откако како играч на Индијана влета на трибините за да се пресмета со еден навивач на Детроит.
Суспензијата на Артест претставува голем проблем за „езерџиите’ бидејќи за во разигрувањето тие ќе бидат без услугите и на Мет Барнс, другиот крилен кошаркар, кој се повреди, а полесна повреда има и Девин Ибанкс.
Ворлд Пис сезонава има просек од 7,7 поени со 3,4 скока и 2,2 асистенции, но во последните тринаесет натпревари имаше многу подобар учинок.
Лос Анџелес во плејофот, најверојатно, ќе игра против Денвер или Далас, а сезонава има скор од 41 победа и 24 порази.
Артест по завршувањето на натпреварот се извини и истакна дека се било ненамерно, но на снимката јасно се гледа дека тој имал намера да го удри кошаркарот на Оклахома.

Најнови вести