Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
13.9.2018

Мулаомеровиќ: Мечот со Македонија е најважен за нас

Босанскиот Хрват против нашата репрезентација ќе дебитира како селектор на Косово.

Дамир Мулаомеровиќ како селектор на националниот тим на Косово во пресрет на пресметката со Македонија, која е негова дебитантска како предводник на нашите соседи, смета дека вечерашниот меч е клучен за Косово во оваа претквалификациска фаза.

„Групата е тешка, можеби и најтешка во овие претквалификации, но верувам во својот тим. Момците ја извршуваат секоја задача. Мислам дека најважен ќе биде овој натпревар со Македонците, бидејќи по ова, имаме гостувања во Скопје и Романија. Мораме да водиме сметка и за кош-разликата. Знаеме дека салата ќе биде полна, интересот е голем, а наше е да дадеме максимум и да одиме на победа“, вели 43-годишниот Мулаомеровиќ.

Новиот селектор на Косово верува дека успеал да ја смени филозофијата на тимот и дека тимот ќе биде и психички подготвен. На располагање го имаат и истиот натурализиран играч кој настапи за Косово и лани во Скопје, тоа е Скот Бамфорт.

„Македонија има добар тим. Тоа што им се приклучи Ричард Хендрикс, не ги менува нашите планови. Ги повикувам навивачите да дојдат во голем број бидејќи овие играчи заслужуваат голема поддршка“, изјави Мулаомеровиќ.

Најнови вести