07.9.2018 Како никогаш досега: Македонија само со еден пораз на 12 меча
Во последната една и пол година, „црвено-жолтите“ потклекнаа само пред Шпанија
Македонската фудбалска репрезентација синоќа победнички започна во новоформираната Лига на нации на УЕФА. Нашите најдобри фудбалери рутинирано со 2-0 победија на гостински терен кај аутсајдерот Гибралтар. Со овие три бода, Македонија, заедно со Ерменија се издвоија како фаворити во трката за првото место во групата.
Иван Тричковски и Егзијан Алиоски погодија уште во првото полувреме, а потоа во вториот дел без поголеми проблеми беше сочувана предноста од 2-0. Со оваа победа, Македонија само ја продолжи одличната низа од осум средби без ниту еден пораз. Во овој период Македонија има четири победи и четири ремија.
Последен пат Македонија беше поразена од некогашниот светси и европски првак Шпанија. Тоа се случи на 11-ти јуни минатата година, кога „црвената фурија“ во Скопје победи со 2-1. Пред тој неуспех, Македонија имаше мини-низа од три меча без пораз (две победи и едно реми).
Кога ќе се соберат сите натпревари одиграни во последнава година и пол, само Шпанија ја победила Македонија, а „црвено-жолтите“ имаат шест победи (Гибралтар, Норвешка, два пати Лихтенштајн, Израел, Белорусија) и пет нерешени средби (Азербејџан, Финска, Италија, Албанија и Турција).
Следниот меч Македонија ќе го игра в недел,а на арената „Филип Втори“ против Ерменија, во рамките од второто коло на Лигата на нациите.