Корисничко име Лозинка Пријави се
06.9.2018

Триумфален старт за Македонија во Лигата на нациите, Гибралтар рутински победен со 2-0

Со головите на Иван Тричковски и на Езџан Алиоски, Македонија победнички стартуваше во Лигата на нациите, а прва „жртва“ на патот кон целта и пласман на ЕП 2020 година вечерва беше Гибралтар

Македонија стартуваше со победа од 2-0 против Гибралтар во Лигата на нациите, во меч што ќе биде запишан како прв во новоформираното натпреварување. Со головите на Иван Тричковски во 19-тата минута и на Езџан Алиоски во 35-тата минута рутински беше победен аутсајдерот во нашата група.
Македонија можеше да слави и поубедливо, но беа пропуштени доста шанси за повисок триумф. Сепак, овој меч, како и што се очекуваше, беше само како загревање за поголеми предизвици. Прв таков, а веројатно и најважен, ќе ни биде дуелот со Ерменија за три дена во Скопје.
Стефан Ристовски  во 19-тата минута одлично го проигра Тричковски, а напаѓачот на АЕК Ларнака ја продолжи гол-серијата и ни донесе предност од 1-0. Предноста во рана фаза значеше поспокојна игра на фаворитот, а сè си дојде на свое место 16 минути подоцна. Овој пат Тричковски беше во улога на асистент на голот што го постигна Алиоски за водство на Македонија од 2-0. Во продолжението се очекуваше голеада на гостите, бидејќи јасна беше разликата во квалитетот на двете репрезентации, но избраниците на Игор Ангеловски застанаа, па мечот заврши со резултат од 2-0.
Во првиот меч од нашата, четврта група во Сегментот Д, Ерменија го победи Лихтенштајн со 2-1.

 

Најнови вести