02.9.2018 Винисиус му покажа на Лопетеги дека не е за во втора лига
Бразилецот даде два гола против Атлетико Мадрид Б, од кои едниот фантастичен
Младата бразилска ѕвезда, Винисиус јуниор, со двата гола, од кои едниот во 27 минута за паметење, покажа дека местото му е во првиот тим на Реал Мадрид.
На средбата помеѓу Кастиља (вториот тим на Реал) и Атлетико Мадрид Б, Винисиус блесна, а на трибините беше и тренерот на првиот тим на „кралскиот клуб“, Хулен Лопетеги, па и тој се увери во можностите на Винисус кој ги воодушеви сите со вториот гол кога од 20-тина метри откосо погоди во горниот спротивен агол.
Реал за Винисиус плати 40 милиони евра, и тој е убедливо најскапиот играч во втората шпанска лига. Винисиус е член на првиот тим на Реал, но во викендите кога не игра за првата екипа, ќе настапува за Реал Мадрид Б.
Сепак, со играта во „мини дербито“, се наметнува и можеби по две недели кога продолжува Примера, и тој ќе биде во комбинација за настап за сениорскиот тим на Реал Мадрид. Како напаѓачки опции, Реал ги има Карим Бензема и Маријано Дијаз, со поддршка од Марко Асенсио и Герет Бејл, па Винисиус ќе треба да „запне“ за да се наметне во таа конкуренција.