Корисничко име Лозинка Пријави се
29.8.2018

Челниците на Манчестер гласале Мурињо да остане тренер

Португалецот ја има довербата од првите луѓе на клубот

Жозе Мурињо ќе остане тренер на Манчестер јунајтед и покрај срамниот пораз од 0-3 на домашен терен во дуелот со Тотенхем. Според „Гардијан“, челниците на клубот имале состанок и гласале португалскиот стратег да остане на клупата на „Олд Трафорд“. 
Манчестер започна со една победа и два порази во новата сезона од Премиер лигата. По триумфот од 2-1 против Лестер, следуваше неуспехот на гости кај Брајтон (2-3), а потоа и на свој терен од Тотенхем со 0-3. Тој пораз во дербито од Тотенхем е најтежок пораз во кариерата на Мурињо на домашен терен во сите натпреварувања. 
Многумина од некогашните фудбалери на Манчестер, но и дел од експертите, се чудеа зошто Мурињо во второто полувреме решил да ја промени формацијата  во невообичаена 3-3-3-1. Токму во вториот дел, Манчестер ги прими сите три гола од Тотенхем. 
И покрај високиот пораз од Тотенхем, играчите на Манчестер беа испратени со аплауз, што јасно покажа дека навивачите даваат поддршка за Мурињо и фудбалерите. По мечот, Мурињо на прес-конференцијата нервозно реагираше и потенцираше дека треба да се има почит кон него, бидејќи тој е менаџер кој три пати ја освојувал титулата во Премиер лигата, додека сите останати 19 тренери на премиерлигашите имаат само два трофеи. 
Следниот меч Манчестер јунајтед во Премиер лигата го игра на втори септември, и тоа на гости кај Барнли. 

 

Најнови вести