Корисничко име Лозинка Пријави се
25.8.2018

Вардар убедливо поразен од Мешков Брест

„Црвено-црните“ беа немоќни против Белорусите

Македонскиот ракометен првак Вардар убедливо загуби во дуелот со Мешков Брест, на пријателскиот турнир кој се игра во Стразбур, Франција. „Црвено-црните“ не успеаа да ја повторат добрата игра од вчерашниот меч против Пари Сен Жермен кога ремизираа 33:33, па во дуелот со белорускиот тим беа поразени со 32:22.
Уште од самиот старт на мечот, ракометарите на Мешков Брест покажаа дека ќе доминираат. Играа цврсто во одбраната, а тоа направи Вардар во првите 30 минути да даде само 8 погодоци, па противникот имаше предност од пет погодоци (13:8).
На почетокот на второто полувреме, наместо Вардар се обиде да направи резултатски приклучок, се случи спротивното. Мешков стартуваше со серија од 4:0 и стигна до предност од 17:8. Во 42 минута, белорускиот тим имаше постигнато двојно повеќе голови од Вардар (20:10) и беше јасно дека тоа ќе биде убедлива победа на Мешков Брест. 
Во претходните неколку меѓусебни меча Вардар бил тимот кој знаел да победи убедливо против Брест, но овојпат ситуацијата на неутралниот терен во Франција беше сосема поинаква, па Белорусите се радуваа на триумф од 10 голови предност. 

 

Најнови вести