Корисничко име Лозинка Пријави се
19.8.2018

Вардар го скрши тетовскиот „гипс“, Крстовски јунак на струмичкото дерби

Домашните екипи не дадоа гол, Вардар и Академија Пандев освоија значајни бодови

Македонските прволигаши на четирите денешни меча, цели 75 минути се мачеа да постигнат гол, дури тогаш почнаа да се тресат мрежите, и беше избегнат срам сите мечеви да завршат со најнепопуларните 0:0. 

„Сушата“ ја прекина вардарецот Тигран Барсегјан, кој во 75. минута му донесе водство на Вардар со пласирање на топка во левиот долен агол од голот на Ренова, крунисувајќи ја убавата акција на гостите. Тоа беше и единствен гол на средбата во Тетово. Вардар на последните седум гостувања кај Ренова не знае за пораз. 

Во истата 75-та минута, падна првиот гол и на струмичкото дерби. Реализатор беше Марио Крстовски, со прецизен шут по земја од повеќе од 20 метри. Десет минути подоцна, Крстовски дочека контра, излезе сам пред голманот на Беласица и го удвои водството на својот тим, со што ги израдува оние гледачи на стадионот „Младост“ кои навиваа за помладиот струмички клуб. Трибините на првото струмичко прволигашко дерби беа солидно исполнети и штета ќе беше да не видеа гол, иако веројатно поголемиот дел од нив посакуваа триумф на Беласица. 

Шкупи и Победа одиграа 0:0, а чаирчани последните 15 минути ги одиграа без Броја, кој доби црвен картон. 
Првакот Шкендија со мислите е насочен кон гостувањето кај Розенборг, па не успеа да даде гол против Македонија во Ѓорче Петров. „Лавовите“ се изборија за вреден бод. 

Резултати, 2 коло: Беласица – Академија Пандев 0:2, Македонија Ѓорче Петров – Шкендија 0:0, Ренова – Вардар 0:1, Шкупи – Победа 0:0, вчера Работнички – Силекс 2:1. 
Табела: Академија П. 6 бода, Вардар и Победа по 4, Работнички и Ренова по 3, Шкендија и Шкупи по 2, Силекс и Македонија Ѓ.П. по 1, Беласица 0.


Најнови вести