Корисничко име Лозинка Пријави се
17.8.2018

Роналдо стартува против Киево, во составот и Бонучи

Стигна потврда и од Макс Алегри, Роналдо и Бонучи од првата минута на терен против Киево

Тренерот на Јувентус, Максимилијано Алегри, на денешната прес-конференција потврди дека Кристијано Роналдо во Серија А ќе дебитира од првата минута на утрешната пресметка против Киево. Со Португалецот свое деби ќе има и неговиот сонародник Жоао Кансело, како и Леонардо Бонучи, првпат откако се врати во Торино од редовите на Милан.

„Единственото нешто што е важно е да ги освоиме првите три бода уште на стартот на сезоната. Оваа сезона сме фаворити на хартија, донесовме квалитетни засилувања, но тоа не е доволно, мора на терен да докажеме дека навистина сме најдобри. Затоа, утре против Киево ќе излеземе со најдобриот состав што ни е на располагање. Роналдо, Пјаниќ, Шченсни, Бонучи, Кансело и Алекс Сандро дефинитивно ќе играат од првата минута, треба само да се договориме за останатите места во формацијата“, посочи Алегри.

Во тимот на Јувентус само Блез Матуиди не е во полн погон бидејќи Французинот до неодамна се опоравуваше од настинка и ќе му бидат потребни неколку дена за да биде кондициски подготвен.

Италијанскиот првак ја отвора новата сезона во Серија А, утре во Верона ќе игра против Киево, а мечот започнува од 18 часот.

Најнови вести