Корисничко име Лозинка Пријави се
17.8.2018

Наваро стави крај на 20-годишното „бомбардирање“

Ќе го паметиме како човек кој до 35 поени ја запре Македонија во полуфиналето на Евробаскетот во 2011 година

Еден од најдобрите шпански кошаркари воопшто и прв стрелец во историјата на Евролигата, Хуан Карлос Наваро, стави крај на неговата кариера. Наваро останува во Барселона, но не како играч, туку ќе добие друга функција. Тој беше член на Барса 19 сезони (дебитираше на 23-ти ноември 1997), а една година беше во Мемфис гризлис во НБА-лигата. Последен меч му беше оној на 10-ти јуни против Басконија од полуфиналето на плејофот во Шпанија. 
Популарниот Ла Бомба прекарот не го доби поради „бомбардирањето“ на противничките кошеви со серија тројки, туку поради карактеристичкиот „флоутер“ кога за да не биде изблокиран, баскетот го исфрла со една рака високо во воздух. 
На Евробаскетот во Литванија 2011 година Наваро беше избран за МВП, а уште се памети неговата неверојатна игра во третата четвртина на полуфиналето со Македонија. Тој меч Наваро го заврши со 35 поени и ја спречи Македонија во намерата да игра финале на ЕП.
Зад 38-годишната легенда се учества на дури пет олимписки игри, четири светски првенства и шест европски шампионати. Со 240 меча, тој е рекодер во шпанската репрезентација. За него немаше летни одмори и избегнување на репрезентативните обврски. Со Барса освои 23 пехари, од кои два се во Евролигата. 

 

Најнови вести