13.8.2018 Лоши вести за Енрике: И Давид Силва се прости од настапите за Шпанија
Новиот селектор на Шпанија, Луис Енрике со неочекувани проблеми ја започна авантурата на клупата на „црвената фурија“, а по Пике од настапите за една од најсилните фудбалски селекции на планетата се прости и Давид Силва
Една од најважните алки во играта на шпанската фудбалска репрезентација, Давид Силва одлучи да се прости од настапите во дресот со национални обележја. Одлуката на играчот на Манчестер сити ја соопшти и фудбалската федерација на Шпанија.
Силва има 32 години и е дел од златната генерација на Шпанија, со два пехари од Европските превенства во 2008 и 2012 година и златната божица, односно трофејот од Мундијалот во 2010 година. За шпанската репрезентација Силва одигра 125 натпревари и постигна 35 погодоци, два од нив против нашата репрезентација.
Силва погоди за Шпанија против Македонија во 2014 година, кога „црвената фурија“ нè победи со 5:1 на домашен терен и лани во новиот триумф на фаворитот, тогаш во Скопје со 2:1.