Корисничко име Лозинка Пријави се
13.8.2018

Меси има повеќе трофеи отколку години

Аргентинецот како капитен го крена пехарот од Суперкупот на Шпанија, а деби имаше примената на технологијата ВАР

Најдобриот фудбалер во историјата на Барселона, Лионел Меси, за првпат во кариерата со капитенската лента на ракавот од дресот крена трофеј во некое официјално натпреварување. Тоа се случи синоќа, во мароканскиот град Тангер, каде што Барселона ја совлада Севилја со 2-1 во шпанскиот Суперкуп. Сега 31-годишниот Меси во кариерата има 33 трофеи, со што е најтрофеен поединец во историјата на Барса. 
Тимот од Андалузија поведе со голот на Сарабија во 10-тата минута, и тоа откако најпрвин судијата го поништи погодокот по сугестија на помошникот. Но, од оваа сезона во Шпанија ќе се користи технологијата ВАР, па главниот судија ја преиначи својата одлука откако по прегледување на снимката, се увери дека голот е регуларен и немаше офсајд. 
Барса ја држеше топката во своите нозе, креираше многу напади, но изедначувањето дојде кон крајот на првото полувреме по прекинот. Меси изведе слободен удар, топката од стативата се одби до Пике, кому не му беше тешко да ја затресе празната мрежа. Победничкиот гол беше ремек-дело на Дембеле во 79-тата минута. Француското крило постигна атрактивен гол со силен шут од дистанца. 
Севилја имаше шанса да изедначи во судиското продолжение откако беше досуден пенал, но лошиот шут на Бен Једер беше лесен плен за голманот Тер Штеген, па така и Германецот даде свој придонес во освојувањето на трофејот. 

 

Најнови вести