Корисничко име Лозинка Пријави се
11.8.2018

Роналдо: Сонував дека еден ден ќе играм за Јуве

Најголемото засилување на Јувентус за ова лето, а можеби воопшто во историјата на клубот, Кристијано Роналдо, пристигна за 104 милиони евра од редовите на европскиот првак Реал Мадрид и потпиша четиригодишен договор

Моментално најдобриот играч во светот, Кристијано Роналдо, во интервју за „Јувентус ТВ“ истакна дека уште како мал сонувал да заигра за италијанскиот гигант, а еден гест на навивачите никогаш нема да го заборави. Роналдо пред извесно време се приклучи на остатокот од тимот, откако се врати на продолжениот одмор по настапот на СП во Русија.

„Се чувствувам одлично, мило ми е што околу мене се приметува одлична организација на клубот. И пред да пристигнам тука знаев дека Јуве е голем клуб, најголем во Италија, меѓу најдобрите во светот. Уште како мал сонував дека еден ден ќе играм тука. Сега конечно сум тука и многу сум среќен поради тоа“, вели Роналдо.

Пред потписот со „старата дама“ Кристијано во неколку наврати се соочи со нив како играч на Реал, а еден значаен момент посебно го издвојува и вели дека никогаш нема да го заборави. Во четвртфиналниот дуел од Лигата на шампиони, Роналдо токму пред навивачите на Јуве постигна фантастичен подогок, а присутните на стадионот го проследија со срдечен аплауз.

„Аплаузот по тој гол никогаш нема да го заборавам. Јас дадов гол против нив, а цел стадион направи овации. Неверојатно чувство, никогаш претходно не сум доживеал такво нешто. Сега гледам дека се работи за едно огромно семејство, со нетрпение чекам да ги радувам овие прекрасни фанови“, додаде Роналдо.

33-годишниот голгетер ќе дебитира на 18-ти август, кога Јуве гостува кај Киево.

Најнови вести