Корисничко име Лозинка Пријави се
26.7.2018

Спектакл во Карсон – Јунајтед го сруши Милан по 26 пенали

Претходната ноќ одиграни се вкупно пет средби на Интернационалниот куп на шампионите, а најспектакуларен дуел одиграа Милан и Манчестер јунајтед.

Средбата на стадионот „СтубХуб“ во Карсон беше решена по рулетот од пенали и дури 26-те удари од белата точка, откако регуларниот тек на натпреварот  заврши без победник (1-1), а на крајот славеше Јунајтед.
Џенаро Гатузо, тренерот на „росонерите“, на теренот изведе посилен состав, со Џанлуиџи Донарума на голот, Леонардо Бонучи во одбраната, односно Сусо и Хакан Чалханоглу, додека, на другата страна, Жозе Мурињо шанса им даде главно на резервните играчи и на помладите – со неколку исклучоци.
Алексис Санчес уште во дванаесеттата минута погоди за водство, по асистенцијата на Хуан Мата, но само по 120 секунди подоцна Сусо додавањето на Бонучи го претвори во конечни 1-1.
Во серијата од пенали имаше вистински спектакл, блескаше Жоел Переира, третиот голман на „црвените ѓаволи“, одбранувајќи неколку обиди, но потоа неговиот удар го запре колегата Пепе Реина, кој потоа погоди во петтата серија за продолжение.
Следуваа промашувања на Ерик Бејли, односно Алесио Ромањоли, потоа имаше по три погодоци, па повторно истата формула – по промашување и три погодоци во низа.
На крајот, конечно, титулата трагичар ја понесе Франк Кесе шутирајќи над пречката.
Вечерта ја отворија Јувентус и Баерн од Минхен, а славеше тимот од Торино со 2-0 (2-0). На стадионот „МетЛајф“ во Ист Рутерфорд се играше дерби на Премиер лигата меѓу актуелниот шампион Манчестер сити и финалистот на Лигата на шампионите, Ливерпул, кој славеше со 2-1.
Пенали имаше и во средбата меѓу Борусија Дортмунд и Бенфика, која заврши со победа на португалскиот клуб. Во последниот одигран дуел, Тотенхем беше многу убедлив против Рома (4-1), иако Патрик Шик уште во третата минута ѝ донесе предност на „волчицата“.

Најнови вести