Корисничко име Лозинка Пријави се
23.7.2018

Милан вратен во Лигата на Европа, автоматски испадна Фиорентина

Арбитражниот суд во Лозана ја усвои жалбата на Милан. Иако УЕФА ги исфрли „росонерите“ од Лигата на Европа, каде што обезбедија пласман како шести на табелата на Серија А, поради, наводно, кршење на финансискиот фер плеј, судот ги врати во Европа.

„Арбитражниот суд за спорт донесе пресуда по жалбата на Милан во негова корист, а по одлуката на УЕФА и нејзините Финансиски контролни органи да го отстранат од Лигата на Европа“, стои во официјалното соопштение.„Советот по жалбата веќе утврдил дека Милан не ги прекршил правилата на финансискиот фер плеј, па со самото тоа има право да учествува во Лигата на Европа“.
Поранешниот сопственик на Милан, кинескиот бизнисмен Ли Јонгхонг, се наоѓа под истрага поради финансиски малверзации. Во меѓувреме, поради тоа што не успеал да му го врати кредитот од 300 милиони евра, нов сопственик на клубот неодамна стана американскиот инвестициски фонд „Елиот менаџмент“. Но, Американците немаат намера да се занимаваат со европскиот фудбал, па објавија дека имаат намера да го продадат клубот, без оглед на тоа што се обврзаа дека тоа нема да го направат во наредните три години.
Со враќањето на Милан во Лигата на Европа, автоматски оттаму испадна Фиорентина, која требаше да го замени.

Најнови вести