Корисничко име Лозинка Пријави се
17.7.2018

Санчес не може во САД – проблем се визата и затворската казна

Алексис Санчес, напаѓачот на Манчестер јунајтед, е одбиен за влез во Соединетите Американски Држави, кои на Чилеанецот не му одобрија виза поради судската пресуда која ја има во Шпанија.

Санчес нема да може да им се приклучи на „црвените ѓаволи“на почетокот на турнејата во САД бидејќи не му е одобрена виза, а од англискиот клуб е соопштено дека се прават сите напори фудбалерот да ѝ се приклучи на екипата штом ќе бидат решени личните административни проблеми.
Како што пренесуваат англиските медиуми, Алексис Санчес не добил виза бидејќи во Шпанија е осуден на 16-месечна условна затворска казна поради затајување данок.
Шпанскиот суд го осудил Чилеанецот поради затајување данок на правата на името и ликот во висина од 983.000 евра во периодот 2012/13.
Според шпанскиот закон за изречени казни помали од две години, следува условна казна и осуденото лице не мора да оди во затвор.
Англиските медиуми наведуваат дека Санчес овластил адвокати што побрзо да ја обезбедат неговата виза за во САД за да може да ѝ се приклучи на екипата која отпатува таму во неделата.
Манчестер јунајтед на 19-ти јули ќе го игра првиот пријателски натпревар против мексиканската Америка, три дена против Сан Хозе, а потоа следуваат натпреварите против Милан, Ливерпул и Реал.

Најнови вести