Корисничко име Лозинка Пријави се
17.7.2018

Роналдо: Фудбалерите на мои години одат во Катар и во Кина

Кристијано Роналдо, фудбалерот на Јувентус, изјави дека поголемиот дел од играчите на негови години веќе не играат во лигите на петорката и дека има намера да покаже дека годините не се важни.

Роналдо вчера попладнето беше официјално претставен во новиот клуб.
Тој по деветте години поминати во Реал Мадрид, се пресели во Јувентус, кој за неговиот потпис плати околу 112 милиони евра. Во Мадрид собори многу рекорди и сега на ред е Италија, за која вели дека е нов предизвик. Јувентус, според неговото мислење, бил логичен избор.
„Според мое мислење, Јувентус е еден од најдобрите клубови на светот. Ова беше добро промислена одлука и моите пријатели и соиграчите ми рекоа дека овој клуб би ми одговарал. Затоа беше лесна одлуката, земајќи ја предвид моќта и величината на клубот кој е најголем во Италија“, изјави Роналдо на претставувањето.
Како предност на торинскиот клуб ги истакна добрата управа и тренерот Масимилијано Алегри, како и претседателот Андреа Ањели, кој навикнал да победува. Навикнал и Роналдо, кој изјави дека поголемиот дел од играчите на 33 години, колку што има и тој моментно, завршуваат во Катар или во Кина.
„Уживам во фудбалот, сè уште сум млад и секогаш сум сакал предизвици во животот – од Спортинг, па во Манчестер и Реал и сега во Јувентус. Не сум тажен што си одам од Реал, тој е голем клуб и со сета почит, играчите во овој момент од кариерата одат во Катар или во Кина. Затоа сум благодарен што се приклучив во толку голем клуб. Моите девет години во Реал беа прекрасни, но ова е нов чекор во мојот живот и мора да им се заблагодарам на навивачите со цело срце, но и да се фокусирам на новиот предизвик“, додаде Португалецот.
Тој изјави и дека не ја сака комфорната зона, а трите последователни титули на Реал во Лигата на шампионите навистина трофеите ги претвориле во навика.
„Поинаков сум од сите играчи коишто мислат дека во овие години кариерата им е завршена. Сакам да покажам дека не сум како другите. Јас сум поинаков. Се чувствувам одлично. Ова е тешка лига, но ќе бидам подготвен. Како што реков претходно, годините не се важни. Мотивиран сум и возбуден. Максимално ќе се потрудам да го освојам секој трофеј“, изјави Роналдо.

Најнови вести