Корисничко име Лозинка Пријави се
05.7.2018

Интер не застанува – Лаутаро Мартинес до 2023 година

Интер од Милано го доведе и шестото засилување ова лето откако ја официјализира соработката со аргентинскиот напаѓач Лаутаро Мартинес до 2023 година.

„Нераѕурите“ за услугите на 20-годишниот играч на Расинг ќе му платат 23 милиони евра.
„Технички силен, физички солиден, психички коректен. Подвижен е, што значи дека можеме да го користиме како втор напаѓач, ако затреба“, изјави тренерот Лучијано Спалети.
Во Интер се надеваат дека новиот играч добро ќе се вклопи во нападот со сонародникот Мауро Икарди, а такви очекувања има и самиот играч.
„Едвај чекам да заиграме заедно. Одличен играч е Мауро, а ми се чини дека, сепак, малку сме различни и дека би можеле одлично да се согласуваме на теренот“, изјави Мартинес, кој во миланскиот клуб ќе го носи дресот со број десет.
Пред него, во клубот дојдоа Стефан де Вреј, Квадво Асамоа, Федерико Димарко, Раџа Најнголан и Матео Политано. Интер во следната сезона ќе игра во Лигата на шампионите по шест години.

 

Најнови вести