Корисничко име Лозинка Пријави се
26.6.2018

Многу драма во групата Б, на крајот Шпанија прва, Португалија втора

Во третото коло два возбудливи натпревари во групата Б од која како победник излезе Шпанија, а второпласирана селекција е Португалија.

Шпанија во осминафиналето ќе игра со Русија, а Португалија против Уругвај. 
Првото возбудување во овие два дуели го имаше на мечот меѓу Шпанија и Мароко на кој африканската репрезентација по една грешка на одбраната на Шпанија преку Бутаиб поведе за 1-0.
На израмнувањето се чекаше пет минути кога Иниеста со одличен продор по левата страна го проигра Иско кој го совлада мароканскиот голман.
Португалија до водство стигна со феноменален гол на Кварежма кој од аголот на шеснаесетникот со „надворешна“ ја погоди мрежата на Иран.
Роналдо имаше шанса да го зголеми водството, но неговиот пенал одлично го одбрани Беиранвард.
Тоа беше 19-ти пенал кој беше досуден на Светското првенство, а шести кој не е реализиран.
Кристијано Роналдо повторно беше во центарот на вниманието на десет минути пред крајот кога со лакот го удри противничкиот играч, а по прегледувањето на снимката доби жолт картон.
До крајот на двата натпревари имаше луда завршница. Мароко во 81-ата минута со голот Ен-Несири повторно дојде до водство против Шпанија, и потоа повторно ВАР стапи на сцена. 
Исправно беше потврден голот со пета на Аспас кој во прв момент беше поништен поради офсајд за второ изедначување, 2-2.
На другата средба, Иран преку Ансарифард од пенал го израмни резултатот на 1-1, а само две минути подоцна Мехди Тареми ја утна најдобрата шанса на мечот и пропушти да ја однесе својата репрезентација во осминафиналето и да ја прати Португалија дома.

Најнови вести