Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
22.6.2018

Хрватска ја растури Аргентина, Меси пред елиминација од СП

Хрватска се пласира во осминафиналето на Мундијалот во Русија откако на натпреварот од второто коло на групата Д ја совлада Аргентина со 3-0.

Головите за Хрватска ги постигнаа Анте Ребиќ во 53-тата, Лука Модриќ во 80-тата и Иван Ракитиќ во 91-вата минута.
Хрватска по триумфот над Нигерија во првото коло, го победи и најголемиот фаворит во групата и со шест бода обезбеди пласман во нокаут-фазата на Мундијалот.
Од друга страна, Аргентина остана само со еден бод, освоен против Исланд во првото коло, и во последното ќе се бори за пласман во осминафиналето.
Аргентина во првите 45 минути повеќе ја поседуваше топката, Хрватска имаше подобри шанси, но на играчите на двата тима им недостасуваше концентрација и среќа во самата завршница.
Најдобрата шанса за Аргентина не ја искористи Енцо Перез, кога не погоди во празниот гол.
На другата страна, Марио Манџукиќ со глава не го погоди зицерот, а потоа во самиот финиш на полувремето Ребиќ многу лошо ја заврши добрата акција на Хрватите.
На почетокот на второто полувреме, Ребиќ се искупи за утнатиот гол кога во 53-тата минута ја искористи големата грешка на голманот Вилфрид Кабалјеро и ѝ донесе водство на својата екипа.
Отаменди ја врати топката до Кабалјеро, а тој сакаше да му ја префрли на Ребиќ, но наместо тоа, топката му легна на волеј на хрватскиот играч, кој не ја пропушти шансата да го реализира таквиот подарок.
Аргентина по примениот гол не успеа да ги поврзе редовите, а натпреварот практично беше решен во 80-тата минута, кога Модриќ со одличен удар од околу 20 метри го совлада Кабалјеро за 2-0.
По гужвата на теренот и фаулот кој го направи Отаменди, слободниот удар на Ракитиќ во 87-мата минута заврши во пречката, но фудбалерот на Барселона четири минути подоцна сепак ја погоди мрежата искористувајќи ја лошата одбрана на Аргентина.
Хрватска во последното коло ќе игра против Исланд, а Аргентина против Нигерија.

 

Најнови вести