Корисничко име Лозинка Пријави се
21.6.2018

Далиќ: Натпреварот со Аргентина најлесен, уживајте против Меси

Златко Далиќ, селекторот на Хрватска, изјави дека верува дека неговата екипа има квалитет да оствари позитивен резултат во претстојниот натпревар на Светското првенство против Аргентина.

„Аргентина бара почитување, тоа ќе биде голем предизвик. Меѓутоа, мораме да веруваме во себе. Немаме што да изгубиме. Играме против голема екипа, но и ние сме големи. Верувам во нашите играчи. Тие за мене се најдобрите на светот. Ако покажеме добра игра, тогаш можеме далеку“, изјави Далиќ, а пренесе „Хина“.
Хрватска и Аргентина ќе играат вечерва, од 20 часот, во натпреварот од второто коло на групата Д на Светското првенство во Русија. Хрватска е прва во групата со три бода, Аргентина и Исланд имаат по еден бод, додека Нигерија е без бодови.
Далиќ изјави дека нема дилеми околу составот и дека ќе има само мали промени во тактиката и во составот.
„Против Нигерија (2-0) игравме добро и нема потреба за поголеми промени. Мораме да го чуваме својот стил на игра и да покажеме квалитет“, додаде селекторот на Хрватска.
Далиќ изјави дека неговата екипа ќе биде под мал притисок бидејќи победи во првото коло, во однос на Аргентина, која одигра 1-1 со Исланд.
„Ние во наредните два натпревари мораме да освоиме три бода за да го осигуриме пласманот. Нашиот пат е познат, ни треба една победа. Ако успееме во тоа, сè ќе оди само по себе. Нема бирање на противникот ниту прилагодување“, додаде Далиќ.
Зборувајќи за Аргентина, Далиќ изјави дека Лионел Меси е најдобриот играч на светот и дека ниту еден играч не може да го запре во играта еден на еден.
„Единствено екипата и формацијата. Меѓутоа, не смееме да паднеме во замка, бидејќи самиот Меси не е Аргентина. Мораме да бидеме цврсти и да гинеме еден за друг“, додаде хрватскиот селектор.
Далиќ малку ги вознемири аргентинските новинари коишто погрешно ги протолкуваа неговите зборови дека Хрватска го очекува најлесниот натпревар.
„Не реков дека Аргентина е најлесниот противник, туку дека тоа е најлесен натпревар во којшто немаме што да изгубиме“, изјави Далиќ.
На прашањето што ќе им рече на играчите пред да излезат на теренот, Далиќ одговори: „Ќе им речам да уживаат во фудбалот бидејќи играат против Аргентина и Меси.“

Најнови вести