Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
20.6.2018

Продолжуваат изненадувањата – Сенегалците ги шокираа Полјаците

Репрезентацијата на Сенегал ја продолжи низата на изненадувачки резултати на Светското првенство совладувајќи ја Полска во вториот натпревар од групата Х – 2-1 (1-0).

Повратниците на Мундијалот, уште од 2002 година и шампионатот во Јапонија и Јужна Кореја, најавија дека би можело да бидат изненадување на турнирот, а може да се каже дека сосема заслужено дојдоа до големиот триумф и до огромните три бода.
Интересно е тоа што и пред повеќе од една деценија и пол исто така славеа, тогаш над актуелните шампиони на планетата Французите, додека победата на Јапонија над Колумбија (2-1) во првиот натпревар на денот целосно ги менува очекувањата во оваа група.
Посебно бидејќи во наредната рунда Колумбијците ќе играат со Полјаците.
Колку Африканците заслужено дојдоа до триумфот во последниот дуел од првата рунда, мора да се истакне дека навистина имаа и значителна доза на среќа пред водечкиот погодок во 37-мата минута, бидејќи ударот на Геје два пати по патот кон мрежата го менуваше правецот.
Епитетот на трагичар на натпреварот го понесе Тијаго Чионек, станувајќи воедно првиот Полјак кој постигнал автогол на Мундијалот, а со тој резултат се отиде на паузата.
И второто полувреме не донесе многу промени во силите на теренот, а Сенегалците одлично ги запираа обидите на ривалот.
М’Баје Нијанг ја искористи невнимателноста на Јан Баднарек и на голманот Војќех Шченсни, како и фактот дека веќе не мора да се чека на знак од главниот арбитер и се врати на теренот по укажаната помош, прв стигна до топката на четириесетина метри, ја префрли кај истрчаниот чувар на мрежата на Јувентус и практично влета во голот.
Сè што избраниците на Адам Навалка успеаја да направат до крајот е почесниот погодок на Гжегож Криховјак во 86-тата минута, но момчињата на Алију Сисе издржаа до крајот и имаа голема прослава.

Најнови вести