Корисничко име Лозинка Пријави се
19.6.2018

Русија соборува рекорди – никогаш немало повеќе пенали на Мундијалите

Натпреварот меѓу Тунис и Англија, со којшто е комплетирана програмата вчера, беше 13-ти на Светското првенство во Русија.

Англичаните славеа со 2-1 благодарение на двократниот стрелец Хари Кејн, додека единствениот погодок за Тунижаните беше дело на Ферџани Саси од белата точка.
Саси сигурно ја изведе најстрогата казна во 35-тата минута, која беше досудена поради Кајл Волкер, што беше вкупно осми пенал досуден на досегашните 13 натпревари.
Уште не завршила ниту групната фаза, а веќе има рекорд – на претходниот Мундијал во Бразил беа потребни 25 натпревари за да се соберат осум пенали, во Јужна Африка 2010 тој број беше остварен во 35-тиот дуел, додека во Германија 2006 осмиот пенал беше досуден во 40-тата средба.
Ова очигледно е влијанието на технологијата ВАР, која им е на располагање на арбитрите во Русија, па неколку од овие осум беа досудени откако беа прегледани снимките.
Инаку, само двајца изведувачи беа неуспешни – Лионел Меси за Аргентина против Исланд и Кристијан Куева за Перу против Данска.
Голови од белата точка, освен споменатиот Саси, постигнаа уште: Кристијано Роналдо, Антоан Гриезман, Миле Јединак, Лука Модриќ и Томас Гранквист, а сигурно е дека ќе ги има уште во следните 25 дена.

Најнови вести