Корисничко име Лозинка Пријави се
18.6.2018

Калиниќ одбил да биде замена, Далиќ го испрати дома!

Два дена по победата над Нигерија (2-0) на стартот на Светското првенство, атмосферата во репрезентацијата на Хрватска е нарушена.

Виновник е напаѓачот Никола Калиниќ, кој во завршницата на натпреварот одби да влезе во игра како резерва на местото на Марио Манџукиќ.
Златко Далиќ, селекторот на „огнените“, со воведувањето на напаѓачот на Милан сакаше да го освежи својот офанзивен дел од тимот, но Калиниќ му рекол дека го боли грбот.
Поради тоа, Далиќ во 86-тата минута на теренот го испрати незагреаниот Марко Пјаца.
Калиниќ очигледно е незадоволен од неговиот статус како резерва во екипата на Хрватска на Мундијалот, што веројатно е и главната причина за неговото одбивање да влезе во игра.
„Сè ќе знаете утре“, вчера изјави Далиќ за новинарите, по тренингот на којшто не беше Калиниќ, а ниту Шиме Врсаљко и Андреј Крамариќ.
Нема официјална потврда, но хрватските медиуми тврдат дека Далиќ денес го испратил Калиниќ дома (официјално ќе се знае околу 16.30 часот), па „огнените“ на Мундијалот ќе продолжат со 22-ца играчи.
Тимскиот лекар Борис Немец изјави дека Врсаљко и Крамариќ добиле удари, а дека Калиниќ има проблеми со грбот, но дека никој не е тешко повреден.
„Нема потреба за подетални истраги, ја знаеме причината“, изјави Немец.
Хрватските медиуми наведуваат дека Калиниќ од истата причина одбил да влезе во игра и во пријателскиот натпревар со Бразил во Ливерпул, пред Светското првенство.
„Екипата ја сочинуваат 23-ца играчи и секој мора да живее за неа. Во спротивно нема атмосфера. Ќорлука ни е важен, а тој без приговори прифати да биде резерва“, изјави вчера Далиќ  и индиректно ги потврди шпекулациите во врска со Калиниќ.

Најнови вести