Корисничко име Лозинка Пријави се
18.6.2018

Гнев во Палермо и жалба по скандалот во Фрозиноне

Фудбалерите на Фрозиноне го совладаа Палермо во реванш-натпреварот од плејофот на Серија Б со 2-0. Со победата тие остварија пласман во Серија А, иако во првиот натпревар изгубија со 2-1, додека гневните Сицилијанци веќе се подготвени за жалба по контроверзниот натпревар.

Стрелци за Фрозиноне беа Мајело во 52-рата и Чано во 90+6 минута, потоа следуваа протести од страна на фудбалерите и управата на Палермо, коишто изјавија дека натпреварот е одигран со многу неправилности.
Посебно беше контроверзна одлуката на судијата Федерико ла Пења, кој при резултатот 1-0, досуди слободен удар за Палермо, потоа покажа на белата точка, па уште еднаш се премисли и на „орлите“ им додели слободен удар од работ на шеснаесетникот.
Видеоснимката покажа дека одлуката била погрешна, дека на Палермо требало да му досуди пенал, но тоа не беше сè.
Судијата не ги казни ниту фудбалерите на клупата на Фрозиноне, коишто фрлаа топки на теренот додека играчите на Палермо беа во напад. На крајот судијата Ла Пења не успеа ниту да го заврши натпреварот бидејќи по голот во 96-тата минута, голем број навивачи влегоа на теренот.
„Им дадовме инструкции на нашите адвокати да поднесат жалба и да ги приложат сите потребни докази. Мислам дека судијата ја промени одлуката за пеналот бидејќи го обиколија играчите на Фрозиноне. Натпреварот беше нелегален, ништо не беше според правилата. Ова е исклучително лошо време во Италија“, изјави Маурицио Цампарини, темпераментниот сопственик на Палермо.

 

Најнови вести