Корисничко име Лозинка Пријави се
15.6.2018

Русија „пукна“ петарда на премиерата

Репрезентацијата на Русија со победа од 5-0 над Саудиска Арабија го почна Светското првенство.

Светското првенство свечено беше отворено на московскиот стадион „Лужњики“ пред околу 80.000 гледачи пред стартот на првиот натпревар.
Со пригодна кореографија, музички настап на британската ѕвезда Роби Вилијамс и церемонија предводена од бразилската легенда Роналдо официјално беше отворен 21-иот Мундијал со говор на рускиот претседател Владимир Путин.
На првиот натпревар на 21-ото Светско првенство во фудбал избраниците на Станислав Черчесов одиграа одлично и веќе во првото полувреме го решија прашањето на победникот.
Русија почна фуриозно и по 12 минути игра дојде до водство по центаршутот на Зобнин по кој Газински со глава ја затресе мрежата на Саудијците.
Пех за домаќинот на Мундијалот во средината на првиот дел кога поради повреда на Алан Џагоев во игра влезе Денис Черишев.
Тоа не беше пречка за Русите да продолжат со одличната игра и пред крајот на полувремето нововлезениот Черишев одлично се снајде во шеснаесетникот и со силен удар ја зголеми предноста.
Во продолжението на натпреварот стана јасно дека Саудиска Арабија нема сила за пресврт.
Артјом Ѕјуба по минута и половина откако влезе во игра зголеми на 3-0 и тогаш стана јасно дека Русија ја потврди победата.
Черишев во 91-ата минута со удар од надворешната страна на копачката постигна гол кој ќе се кандидира за најубав на првенството, а конечниот резултат го постави Денис Голови во 94-тата минута кога од слободен удар го совлада Ал Мајуф за старт од соништата на Русија пред домашната публика.
Вториот натпревар од Групата А го играат Египет и Уругвај утре од 15 часот. Следен противник на Русија е Египет на 19-ти јуни, а еден ден подоцна играат Саудиска Арабија и Уругвај.
Денеска се играат и првите натпревари од Групата Б – во 17 часот се среќаваат Мароко и Иран, а Ибериското дерби меѓу Португалија и Шпанија се игра во 20 часот.

Најнови вести