Корисничко име Лозинка Пријави се
11.6.2018

Неповторливиот Надал ја освои 11-тата титула во Париз!

Шпанецот Рафаел Надал по 11-ти пат во кариерата ја освои титулата на Ролан Гарос. Неверојатниот Шпанец во финалето на гренд слем турнирот во Париз го победи Доминик Тим со 6:4, 6:3, 6:2 за два часа и 44 минути и со тоа ја продолжи апсолутната доминација на теренот.

Шпанецот одигра уште еден феноменален натпревар против ривалот кој беше на врвно ниво. Публиката на „Шатрије“ можеше да ужива, а Надал од почетокот до крајот на натпреварот го диктираше темпото и не му дозволуваше на Тим сериозно да му се закани и суверено дојде до 17-тиот гренд слем трофеј во кариерата.
Рафа со одбраната на титулата во престолнината на Франција го задржа првото место на светската АТП листа.
Надал со вчерашниот триумф стана втора личност на која ѝ тргнало со рекетот да го освои 11-тиот трофеј на еден гренд слем. Претходно тоа ѝ успеа само на Маргарет Корт на Отвореното првенство на Австралија.
Истовремено, Надал стана прв тенисер во ерата на Отворените првенства кој освоил 11 титули на три различни турнири, кои, исто така, им припаѓаат на различни категории. Оваа сезона Шпанецот 11-тиот пехар веќе го освои во Барселона и во Монте Карло.
Австриецот во Париз дебитираше во финалињата на гренд слем и е единствениот играч кој успеал да го совлада Надал на теренот во последните две сезони - минатата година во Рим и оваа во Мадрид.
Во меѓусебните дуели Надал сега води со 7-3. Двајцата тенисери се сретнаа минатата година во полуфиналето на Ролан Гарос, а подобар беше Шпанецот.

Најнови вести