Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
07.6.2018

Менаџерот на Салах ги демантираше наводите за Барселона

Менаџерот на египетскиот фудбалер Мохамед Салах денес ги негираше наводите на медиумите дека својот клиент ѝ го понудил на Барселона.

Шпанскиот „АС“ пренесе дека менаџерот Рами Абас Иса ѝ го понудил Салах на Барселона, ако шпанскиот клуб ова лето не успее да го доведе Антоан Гриезман од Атлетико Мадрид.
„Тоа не се случило никогаш“, изјави Рами Абас Иса на „Твитер“.
Салах имаше одлична сезона во Ливерпул, постигна 42 гола во сите натпреварувања и за него се заинтересирани најголемите европски клубови, но не се знае дали и Барселона е меѓу нив.
„АС“ наведе дека Ливерпул би барал повеќе од сто милиони евра за Салах.
Барселона и Ливерпул веќе тргуваа оваа година, англискиот клуб во јануари на Каталонците им го продаде Филипе Кутињо.
Салах закрепнува од повредата на рамото со која се здоби во финалето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид и се обидува да се подготви за натпреварите на репрезентацијата на Египет на Светското првенство во Русија.
Тој на 26-ти мај во Киев, во 30-тата минута од натпреварот против Реал мораше да го напушти теренот по дуелот со противничкиот играч Серхио Рамос, кој силно го повлече за рака, падна на рамото и се повреди.
Рамос изјави дека не е виновен за повредата на Салах и додаде дека се допишувал со египетскиот напаѓач. Тој изјави и дека Салах требало да прими инјекција против болка за да може да го продолжи натпреварот.
Ектор Купер, селекторот на Египет, ја критикуваше таа изјава на Рамос.
„Јас не сум лекар, не знам дали (Серхио) Рамос е лекар, но се работи за играч кој играше во финалето и се повреди“, изјави Купер.

 

Најнови вести