Корисничко име Лозинка Пријави се
05.6.2018

„Кај мајка ми трчав за да јадам, а на тренинг одев со украден велосипед“

Златан Ибрахимовиќ, фудбалерот на Лос Анџелес галакси, изјави дека се присетува дека како момче постојано одел кај мајка му за да јаде, како и зошто крадел велосипеди и зошто и понатаму го сака гетото.

Ибрахимовиќ за ЕСПН даде изјава за неговото детство и за тоа како одел од едниот до другиот родител.
„Мојата мајка беше хигиеничарка, татко ми работеше на одржување на зградите. Не беа секогаш тука бидејќи мораа да работат и да се грижат за пари. Живеев кај татко ми и трчав кај мајка ми за да јадам и потоа таа се жалеше дека јадам за четворица, па ме исфрли и не ми беше дозволено да јадам сè и сешто“, изјави Ибрахимовиќ за ЕСПН.
Кај татко ми во фрижидерот имаше пиво, млеко, леб и путер.
„Тоа беше појадок, ручек и вечера кога би бил кај татко ми, но даваше сè од себе за да имам добро детство и му благодарам на тоа бидејќи немавме подобро од тоа“, додаде Ибра, кој објасни дека неговиот карактер го изградил и пред фудбалот.
„Дојдов од крај кој не беше богат, луѓето тоа го нарекуваат гето, јас го викам рај бидејќи се чувствувам како дома. Таму можам да бидам јас дури и сега. Не барате почитување, туку се борите за него. Морате да се борите за себе и да бидете доминантни. Фудбалот беше само нешто што сакав да го работам, изјави Ибрахимовиќ и даде одговор на прашањето зошто за него гетото било рај.
„Бев слободен, живеевме во згради со многу станови едни покрај други со голем двор. Кога и да поскавте, ќе излезевте надвор да си играте. Не ги познававте луѓето, само си игравте, но се чувствувавте добредојдено и имаше многу луѓе од сите страни на светот. И сите бевме едно кога и да игравме, никој не осудуваше – ‘еј какви панталони носиш’, или ‘каква ти е фризурата’. Имаше среќа и сите бевме на исто ниво и имавме исти шанси“.
На прашањето дали бил добар крадец на велосипеди, во шега вели „и понатаму сум добар во тоа“. До теренот каде што тренирал имал десет километри и некогаш трчал, некогаш одел, а некогаш „позајмувал“ велосипед.
„Татко ми немаше пари да купи еден и тогаш излегував на улица и барав прва шанса да украдам некој, ќе украдев, ќе отидев на тренинг и ќе се вратев. Кога ме фатија, реков ‘ го позајмив велосипедот, не го украдов, еве земете го’. Бесплатно изнајмување“, додаде Ибрахимовиќ.
Себеси како 18-годишник не би си препорачал ништо бидејќи сè излегло како што треба, а единствено што му недостасува е тоа што немало толку внимание околу него.
„Можев да правам глупости без да се плашам дека луѓето ќе речат што било или ќе покажуваат со прст. Но, како што се појавија социјалните мрежи и телефоните со камери, целиот свет стана папарацо. Затоа сега ја вртам главата за 360 степени“.
Тој се присетува дека од првите поголеми пари коишто ги заработил купил „порше турбо“ и дека дури со него ѝ бегал на полицијата. Признава дека тоа е лошо, но дека тогаш бил дете кое сака адреналин.
„Можете некого да го извадите од гетото, но гетото од него никогаш. Во Лос Анџелес досега не сум имал никакви проблеми, но ако, да речеме, не ме пуштат во некој ресторан, ќе го купам и ќе го претворам во паркинг“, „предупредува“ легендата на шведскиот фудбал.

Најнови вести