Корисничко име Лозинка Пријави се
02.6.2018

Французите подготвени за Мундијалот – „аѕурите“ рутински паднаа

Репрезентацијата на Франција ја совлада Италија во пријателскиот натпревар, во рамките на подготовките за претстојниот Мундијал во Русија, со резултат 3-1.

Стрелци за вицешампионот на Европа беа Самјуел Умтити, кој во осмата минута одлично се снајде во шеснаесетникот на Италија и ја затресе мрежата.
На 2-0 зголеми Антоан Гриезман од пенал во 29-тата минута. На пеналот му претходеа одличниот продор на Лукас Ернандес и прекршокот на Роланд Мандагоре.
Надежта на екипата на Роберто Манчини ѝ ја врати Леонардо Бонучи седум минути подоцна, откако го искористи одбивањето на Уго Љорис по слободниот удар на Марио Балотели, но, сепак, прашањето на победникот го реши Усман Дембеле во 63-тата минута. Брзоногиот крилен напаѓач дојде до топката на работ на шеснаесетникот и со одличен удар со десната нога го совлада Салваторе Сиригу.
Во останатите пријателски натпревари, Австралија, која учествува на Мундијалот, убедливо ја совлада Чешка со 4-0 со головите на Леки (два), Набута и со автоголот на Југас.
Тунис и Турција ремизираа со 2-2. Турците поведоа со голот на Тосун во 54-тата, по две минути Тунишаните израмнија  со голот на Бадри. Тосун во 59-тата минута доби директен црвен картон, а Тунис го искористи тоа да направи пресврт 20 минути подоцна. Стрелец на голот беше Саси. Конечниот резултат го постави Сојунџу во 90-тата минута.
Без победник и без голови заврши дуелот меѓу Египет и Колумбија.

Најнови вести