Корисничко име Лозинка Пријави се
31.5.2018

Астон вила не влезе во Премиер лигата, Џон Тери си замина

Тери минатото лето го напушти Челзи и направи трансфер во Астон вила, чиј капитен беше оваа сезона.

Англискиот фудбалски клуб Астон вила вчера потврди дека Џон Тери го напуштил клубот.
Тери минатото лето го напушти Челзи и направи трансфер во Астон вила, чиј капитен беше оваа сезона.
Астон вила го зазеде четвртото место во Шампионат лигата, втората англиска лига, и играше во плејофот за влез во Премиер лигата, но во финалето на „Вембли“ изгуби од Фулам со 0-1.
Управата на Астон вила му се заблагодари на Тери за трудот и професионалноста што ја покажа.
„Џон е вистински водич и беше повеќе од она на што се надевавме. Популарен и влијателен во соблекувалната, ја одигра улогата капитен во создавањето неверојатна врска која нашите играчи ја делеа со навивачите и обратно. Се надеваме дека ќе има убави спомени од времето поминато во Вила и му посакуваме сè најдобро понатаму во кариерата“, се наведува во соопштението на клубот од Бирмингам.
Легендарниот капитен на Челзи изјави дека е горд што имал шанса да игра и да биде капитен на голем клуб каков што е Астон вила.
„Дадов сè од себе на теренот и надвор од него и сè уште ме боли тоа што не се вративме во Премиер лигата, каде што овој клуб припаѓа сто отсто. Му благодарам на тренерот Стив Брус, кој имаше пресудна улога за моето доаѓање, многу научив од него и тоа засекогаш ќе го запаметам“, изјави Тери.

Најнови вести