Корисничко име Лозинка Пријави се
30.5.2018

Салах надвор од теренот од три до четири седмици

Мохамед Салах, најдобриот фудбалер на Ливерпул и на Премиер лигата, го повреди рамото во финалето на Лигата на шампионите против Реал, а според новите информации, Египќанецот ќе биде надвор од теренот најмногу четири седмици.

Серхио Рамос и Мохамед Салах имаа дуел по половина час игра во Киев, а подебелиот крај го извлече напаѓачот на „црвените“, кој падна и го повреди рамото.
Првите процени беа дека рамото не е дислоцирано и дека повредата не е сериозна, а Салах и самиот изразил уверување дека навивачите на Египет можат да го очекуваат на Светското првенство во Русија.
Сепак, од Ливерпул испратија малку понеповолни вести.
„Тој е тажен поради тоа што се случи, но целосно е фокусиран на закрепнувањето. Во суштина, Салах би требало да биде надвор од теренот три до четири седмици, но ќе се обидеме тоа да го намалиме, тоа е нашата цел“, изјави за „Марка“ Рубен Понс, физиотерапевтот на Ливерпул.
Египет настапот на Светското првенство во Русија го почнува на 15-ти јуни против Уругвај во групата А, четири дена подоцна ќе игра против Русија, а на 25-ти јуни против Саудиска Арабија во последното коло од групната фаза.
Останува прашањето дали Салах ќе може да игра во групната фаза, но според сегашниот план, би можело да игра во нокаут-фаза, ако се квалификува Египет.

Најнови вести