Корисничко име Лозинка Пријави се
30.5.2018

Без Роналдо на претставувањето на новите дресови на Реал

Фудбалскиот клуб Реал Мадрид вчера ги претстави дресовите за наредната сезона, а единствена фотографија која не беше објавена во новиот дрес е на Кристијано Роналдо, пренесоа британските медиуми.

Реал на интернет-страницата на клубот ги претстави и ги пушти во продажба дресовите за сезоната 2018/19.
Прикажани се фотографии од 23-ца фудбалери и сите првотимци во новите дресови, додека на местото на Роналдо е објавена слика со бројот седум и со неговото презиме на грбот.
Медиумите шпекулираат дека Роналдо ова лето ќе си замине од „Сантијаго Бернабеу“, а и самиот фудбалер беше нејасен за ова прашање. Тој во саботата вечерта, по освојувањето на Лигата на шампионите во Киев, изјави дека било убаво да се игра за Реал, додека при прославата на титулата на навивачите им рече дека ќе се видат следната сезона.
Интернет-страницата Goal.com пренесе дека отсуството на фотографијата на Роналдо нема врска со неговото заминување, туку дека се работи за почитување на спонзорскиот договор.
Се наведува дека подготовките и фотографирањето за претставувањето на дресовите биле направени на 21-ви април, кога Роналдо бил зафатен.
Тој е под строг и многу скап договор со компанијата „Најки“, а бидејќи компанијата „Адидас“ го снабдува Реал со опрема, понекогаш доаѓа до компликација кога клубот го користи Роналдо за својот маркетинг.

 

Најнови вести