Корисничко име Лозинка Пријави се
27.5.2018

Трагедија на Кариус, магија на Бејл за 13-ка на Реал Мадрид

Реал Мадрид го победи Ливерпул со 3-1 и испиша нова страница во историјата на европскиот фудбал со тоа што стана првиот клуб кој три пати по ред ја освои Лигата на шампионите.

Натпреварот на „Олимпискиот стадион“ во Киев почна со стандардно одмерување на силите и без големи возбудувања до 16-тата минута. До тој момент Ливерпул ја имаше иницијативата, но малку фалеше Реал Мадрид да поведе преку Кристијано Роналдо кој беше непрецизен по продорот по десната страна.
Неколку минути подоцна Кејлор Навас со одлична интервенција го одбрани ударот на Александер-Арнолд, а потоа англискиот клуб претрпе голем пех.
Мохамед Салах, најдобриот стрелец на Ливерпул, го повреди рамото во еден дуел со Серхио Рамос и покрај обидот да се врати во игра, го напушти теренот со солзи во очите. 
На другата страна Дани Карвахал ја повреди задната ложа во обид да одигра со пета и тоа дополнително го „уби“ ритамот на натпреварот.
До крајот на полувремето Реал Мадрид преку Бензема постигна гол, но одличните српски судии оправдано го поништија поради офсајд па на паузата се замина со најнепопуларниот резултат.
Второто полувреме беше многу поинтересно и почна со голема шанса за Иско кој ја погоди пречката од десетина метри.
Во 51-ата минута првата голема грешка на Кариус кој истрча да собере една топка и во обид брзо да го проигра Ловрен го погоди Бензема во нога, по што топката се отркала во голот за водство на Реал Мадрид од 1-0.
Радоста на Шпанците траеше четири минути. Ливерпул експресно успеа да израмни преку Садио Мане. Највисок во скокот по корнерот беше Ловрен кој со глава ја спушти топката во петерецот, Мане не беше во офсајд и ја спроведе топката во голот.
Кога се чинеше дека „црвените“ се вратија во натпреварот, демантот стигна многу бргу. Бејл во 61-ата минута го замени индиспонираниот Иско и за помалку од две минути на теренот со својот прв контакт со топката со фантастичен удар со ножички по центаршутот на Марсело од 12-ина метри ја прати топката во горниот лев агол.
Актуелниот европски шампион повторно имаше контрола, особено по ударот на Мане во гредата, а во финишот Бејл ја комплетираше хорор вечерта на Кариус. Велшанецот шутираше од околу 25 метри, а германскиот голман уште еднаш ужасно реагираше и ја одби топката во сопствената мрежа за продолжување на доминацијата на Реал Мадрид на стариот континент.

Најнови вести