Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
22.5.2018

Би-би-си: Унаи Емери нов менаџер на Арсенал

Како што пренесува Дејвид Орнштајн, добро информираниот новинар на Би-би-си, Шпанецот Унаи Емери ќе биде нов менаџер на Арсенал.

Емери во претходните две сезони го водеше ПСЖ, а на клупата на „топчиите“ ќе го наследи Арсен Венгер, со чие заминување е завршена цела една ера во историјата на лондонскиот клуб.
Шпанскиот тренер во изминатите неколку дена неофицијално се споменуваше како еден од кандидатите за наследник на Венгер, заедно со својот сонародник и некогашен играч на Арсенал, Микел Артета.
Официјална потврда за неговото доведување дојде од Орнштајн, еден од најблиските луѓе на лондонскиот клуб, кого го сметаат за фудбалска верзија на Адријан Војнаровски.
Новинарот изјави дека еден од главните проблеми за 46-годишниот Емери на новото работно место би можело да претставува недоволното познавање на англискиот јазик.
Шпанецот со ПСЖ освои една титула во националната лига и четири трофеи на Купот на Франција, но и покрај големите вложувања, не успеа да го одведе клубот до финалето на Лигата на шампионите. На клупата на ПСЖ го замени Томас Тухел.
Претходно, со голем успех ја тренираше Севилја, со која освои три пехари на Лигата на Европа во три сезони по ред. Официјална потврда од Арсенал и претставување на новиот тренер се очекува во текот на оваа седмица.
Би-би-си пренесе дека раководството на Арсенал едногласно ја донесло одлуката за доведување на Унаи Емери, кој во текот на кариерата ги водеше и Алмерија, Валенсија и Спартак од Москва.

Најнови вести