Корисничко име Лозинка Пријави се
14.5.2018

Манчини го раскина договорот со Зенит, од среда на клупата на „аѕурите“

Италијанскиот стручњак Роберто Манчини договорно ја раскина соработката со Зенит и најдоцна до среда ќе стане селектор на репрезентацијата на Италија.

Зенит на официјалната интернет-страница соопшти дека е постигнат договор со Манчини тој да си замине без никаква компензација, а тоа ќе биде официјализирано утре.
Манчини последен пат го предводеше Зенит вчера, на последниот натпревар во сезоната против СКА од Хабаровск.
Италијанските медиуми пренесуваат дека некогашниот менаџер на Лацио, Интер и Манчестер сити најдоцна до среда ќе потпише договор со „аѕурите“.
Манчини, кој како играч 36 пати настапи за Италија, националниот тим ќе го преземе по неуспехот во квалификациите за Мундијалот во Русија и ќе има задача Италија да ја врати во врвот на европскиот и на светскиот фудбал.
Тој заради позицијата селектор на „аѕурите“ се откажа од годишната плата во Зенит од 13 милиони евра. Италија наводно ќе го плаќа два милиони евра годишно.
Манчини го водеше Зенит од први јуни минатата година на 44 натпревари, а тимот забележа 21 победа, 13 нерешени дуели и десет порази.
Тимот од Санкт Петербург одлично ја почна тековната сезона, беше лидер во првите 11 кола, одлично играше и во Лигата на Европа, но Премиер лигата ќе ја заврши дури на петтата позиција, која води во Лигата на Европа.

Најнови вести