Корисничко име Лозинка Пријави се
14.5.2018

Очекувано – Салах играч на сезоната во Премиер лигата

На Мохамед Салах, фудбалерот на Ливерпул, му беше доделено признанието за најдобар играч на Премиер лигата за сезоната 2017/18.

Салах од почетокот на сезоната одлично ги предводеше „црвените“ и е најзаслужен за многу добрата сезона на избраниците на Јирген Клоп, во текот на која ги чека уште финалето на Лигата на шампионите со Реал на 26-ти мај во Киев.
Египетскиот фудбалер постигна 31 гол во англиското првенство оваа сезона и има три повеќе од Хари Кејн, напаѓачот на Тотенхем, во борбата за Златната копачка.
Во борбата за најдобар играч, Салах ги победи Давид де Хеа, Хари Кејн, Џејмс Тарковски, Кевин де Бројне и Рахим Стерлинг. Тоа признание се доделува врз основа на гласањето преку интернет, а фудбалерот на Ливерпул е прв Египќанец кој го добил.
„Пресреќен сум, голема чест е да се освои оваа награда. Сакав да се вратам во Премиер лигата и да им покажам на оние луѓе коишто рекоа дека не сум успеал првиот пат“, изјави Салах.
Салах претходно беше прогласен за најдобар и во изборот на Асоцијацијата на професионални фудбалери и фудбалски новинари.

Најнови вести