Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
14.5.2018

Вардарки несреќно поразени, Ѓер повторно европски шампион

Ракометарките на Вардар во финалето на Лигата на шампионите беа поразени од Ѓер со 27-26 по продолженијата . Беа блиску да го освојат европскиот трофеј, но откако не успеаја, овој состав ќе се растури.

ЖРК Вардар не успеа да го освои европскиот трофеј во последниот обид на клубот. Исто како и лани во финалето, македонскиот шампион загуби по продолженијата и не успеа да му ја одземе круната на Ѓер, кој втор пат по ред се радуваше.
Вардарки беа толку блиску до титулата. Во последните моменти од регуларниот дел имаа одличен напад, но не го искористија, а на крајот на продолженијата Чанаџија не погоди зицер. Ракометарките на Ѓер играа во одлична атмосфера која ја приредија нивните навивачи. Одлично стартуваа, за разлика од Вардарки кои беа немоќни на стартот, и имаа водство од 4-1 и 7-4.
Но, потоа следуваше промена на работите и Ѓер имаше лоша серија, не постигна гол цели 12 минути, а одбраната на Вардар во тој период беше одлична на чело со Лејно. Вардарки направија серија од 4-0 и поведоа со 8-7, па со 9-8. Но, полувремето заврши со нерешен резултат 9-9.
Вториот дел од средбата Вардар го почна добро и имаше предност од два гола, но унгарската екипа успеа да се врати во натпреварот и потоа се играше гол за гол. Двете екипи се менуваа во водството.
На крајот Вардар имаше една ракометарка повеќе и водеше со 20-19, но Ѓер успеа да изедначи и да го однесе натпреварот во две продолженија од по пет минути.
Во продолженијата одлична беше Аморим, која му донесе предност на Ѓер и од три погодока. Нашите ракометарки имаа шанса да се изборат за реми и пенали, но во последните секунди од шест метри не погоди Чанаџија и шансата за тоа пропадна.
Најефикасна во екипата на Вардар беше Лекиќ со шест гола, Пенезиќ даде три, а Амандин Лејно уште еднаш беше неверојатна со 18 одбрани. Во составот на Ѓер најдобра беше Грот со осум погодоци, а Аморим постигна шест.
Желбата на Вардарки да го подигнат европскиот трофеј заврши тажно и секоја од нив следната сезона ќе тргне по својот пат во потрга по сопствената среќа далеку од Скопје.

 

Најнови вести