Корисничко име Лозинка Пријави се
10.5.2018

Петарда на Барселона, Реал Мадрид поразен на „Писхуан“

Фудбалерите на Барселона остварија убедлива победа, додека Реал Мадрид беше поразен во Севилја во заостанатите натпревари од шпанската Ла Лига.

Барселона на својот стадион го совлада Вилјареал со 5-1 и на две кола пред крајот, има исклучително добра шанса сезоната во првенството да ја заврши без пораз.
Сè беше завршено уште во првите 15 минути, кога Каталонците со Бразилците, Кутињо и Паулињо, дојдоа до сигурна предност, а во финишот на првиот дел мрежата ја затресе и Лионел Меси.
Меси ја искористи нереалната асистенција на Андрес Иниеста и го постигна својот 33-ти гол, со што дополнително му побегна на Мохамед Салах во борбата за Златната копачка.
Во продолжението, Усман Дембеле два пати ја затресе мрежата на „жолтата подморница“, а почесниот погодок за гостите беше дело на Сансоне.
Во другиот натпревар на вечерта, Севилја неочекувано убедливо го победи Реал од Мадрид со резултат 3-2.
Зинедин Зидан изнесе комбиниран состав, но Кралскиот клуб не можеше да им се спротивстави на расположените Андалузијци, коишто поведоа во 26-тата минута, со голот на Висам Бен Једер. Францускиот напаѓач му избега на Серхио Рамос по добриот скок на соиграчот и го матираше Коко Касилјас.
До полувремето Лајун го удвои водството, а на почетокот на продолжението Рамос не го погоди пеналот.
Катастрофалната вечер за капитенот на европскиот шампион продолжи во финишот, бидејќи ја затресе сопствената мрежа, а единственото што гостите успеаја да го направат на „Рамон Санчес Писхуан“ е да го ублажат поразот со погодоците на Борха Мајорал и на Рамос, кој вториот пат од белата точка ја погоди мрежата.
Реал со тоа остана на третото место со 72 бода, Севилја е седма со 54, три помалку од Вилјареал на шестото место.

Најнови вести