Корисничко име Лозинка Пријави се
04.5.2018

Коста го одведе Атлетико во финалето, Роландо во 116-тата минута за прослава на Марсеј

Атлетико во Мадрид славеше со минимален резултат и го елиминира Арсенал, додека Салцбург го надополни заостанувањето од два гола од Марсеј.

Атлетико против Марсеј ќе игра во финалето на Лигата на Европа на 16-ти мај во Лион. Мадриѓаните ќе се обидат да го освојат трофејот, кој веќе беше во нивна сопственост во 2010 и во 2012 година.
Без шанси наредната сезона да игра во Лигата на шампионите остана Арсенал, кој ниту во Премиер лигата нема да биде меѓу четирите првопласирани тима, па повторно елитата за него ќе остане сон.
Арсен Венгер ниту во неговата последна сезона на клупата на „топчиите“, а тука е од 1996 година, не успеа да освои трофеј во некое од европските натпреварувања.
Најблиску до тоа беше во 2006 година, кога изгуби во финалето на Лигата на шампионите против Барселона (2-1). Кога се зборува за европските трофеи на Арсенал, треба да се спомне дека во неговата колекција има само еден, оној во Купот на победниците од 1994 година.
Натпреварот во Мадрид не беше многу интересен, но со јасно поставени тактички замисли на двата тренера, Венгер, кој беше на клупата, и Диего Симеоне, кој поради исклучување, натпреварот во Лондон го следеше од ложата. Во таквиот однос на силите, поопасен беше Атлетико, а две подобри шанси во првото полувреме имаше Диего Коста. Двата пати Португалецот лесно се ослободи од чуварот, првиот пат шутираше преку голот, а во втората минута од продолжението беше прецизен.
Во Салцбург првото полувреме беше според замислата на гостите, коишто имаа голема предност од првата средба во Марсеј – 2-0. Мрежите останаа недопрени во првите 45 минути.
И покрај тоа, шампионот на Австрија не напаѓаше, а таквата трпелива игра им се исплатеше. Најпрво го преполовија минусот со голот на Хајдара во 53-тата минута.
Воодушевувањето следуваше по 12 минути, кога по слабата интервенција на францускиот тим, Шлагер погоди и втор пат.
Вториот финалист е Марсеј, кој никогаш не го освоил ова натпреварување. Додека се викаше Купот на УЕФА два пати беше финалист, во 1998/99 (победи Парма 3-0) и 2003/04 (победи Валенсија 2-0). Интертото купот го освои во 2005 и во 2006 година, во 1991 беше поразен од Црвена ѕвезда во финалето на Купот на шампионите, кој го освои во 1993 победувајќи го во финалето Милан со 1-0, со голот на Боли во 43-тата минута.
Салцбург, кој е сензација во второто по ранг европско натпреварување, го надополни заостанувањето од двата гола од првата средба (2-0). Но, во продолженијата не издржа, по еден подарен корнер за гостите, Роландо ја погоди мрежата во 116-тата минута со волеј од десетина метри по корнерот за голема радост на навивачите од Марсеј.

Најнови вести