Корисничко име Лозинка Пријави се
04.5.2018

Венгер: Сурово, растроен сум, заслуживме финале

Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, беше потиштен по поразот во реваншот од полуфиналето на Лигата на Европа од Атлетико Мадрид.

„Јорганџиите“ по 1-1 во Лондон, со минимален резултат славеа пред нивните навивачи и по трет пат во последните девет ќе се обидат да го освојат второто по ранг клупско натпреварување во Европа.
Венгер изјави дека смета дека неговата екипа уште во првиот натпревар на „Емирати“ можела да обезбеди пласман во финалето.
„Натпреварот беше интензивен, ја дадовме сета своја сила. Му честитам на Атлетико. Мислам дека ќе ја освои титулата. На Арсенал нешто му недостасуваше, не беше доволно. Растроени сме со оглед на бројните шанси кои ги имавме да постигнеме гол во двете средби. Оваа пресметка требаше да се заврши во наша корист дури и по првиот натпревар“, изјави Венгер.
Искусниот тренер не успеа со „топчиите“ да обезбеди место во Лигата на шампионите за следната сезона, а клубот ќе го напушти без освоен европски трофеј.
„Многу сум разочаран и вознемирен. Водевме во Лондон со 1-0 и потоа примивме глупав гол. Синоќа само минута пред паузата на полувремето од контра примивме погодок. Тоа беа клучните моменти. Диего Коста е Диего Коста. Затоа тој е еден од најдобрите напаѓачи на светот“, додаде менаџерот на „топчиите“.
„Тешко е да се прифати поразот по 180 минути игра каква што покажа Арсенал. Клубот сега мора да размислува за тоа што ќе направи следната сезона. Многу сум растроен. За жал фудбалот е суров, тој носи добри моменти, но понекогаш, како вчера, носи и страдање“, изјави Венгер.
Атлетико Мадрид на 16-ти мај во Лион ќе игра за титулата против Олимпик од Марсеј.

Најнови вести