Корисничко име Лозинка Пријави се
02.5.2018

Лига на шампиони: Рома верува во чудо и во жешкиот „Олимпико“

Во животот понекогаш се случуваат чуда, посебно во фудбалот, а навивачите на Рома се надеваат дека е можно да се случат две чуда само во еден месец.

Откако во четврт-финалето успеаја во невозможното и по поразот од 4-1 во Барселона, во реваншот го елиминираа новиот шампион на Шпанија со победа од 3-0, сега на ред е нов предизвик – вечерва да го надополнат поразот од 5-2 од првиот полуфинален натпревар со Ливерпул.
Пораката од Рим е јасна – ако можевме против Барселона, можеме и против Ливерпул. Тоа би било најдобра одмазда за поразот во финалето на Купот на шампионите од 1984 година на пенали, кога „Олимпико“ плачеше додека се радуваа гостите од Ливерпул.
„Најважно е да бидеме како еден, тимот да функционира како семејство. Останаа уште 90 минути до големата борба. Веруваме дека можеме во Киев“, изјави Белгиецот Раџа Најнголан, стандардниот првотимец на Рома.
Задачата ќе биде премногу тешка. Ливерпул оваа сезона не знае за пораз во елитното натпреварување, во осминафиналето славеше како гостин против Порто со 5-0, во четврт-финалето со вкупен резултат од 5-1 го елиминира Манчестер сити, а потоа пет пати по ред ја затресе мрежата на Рома во првиот натпревар од полуфиналето.
Напаѓачкото трио Мохамед Салах, Роберто Фирмино и Садио Мане делуваат незапирливо, особено Салах, кој се враќа дома бидејќи во претходните две сезони беше член на Римјаните.
„Знаеме дека не е завршено, Рома во финишот на првиот дел со двата гола покажа дека не смееме да се релаксираме. Доаѓаме во Рим да одиграме уште еден добар натпревар и да го потврдиме финалето“, изјави Салах.
Римјаните ќе играат со најсилниот состав, со Александар Коларов во стартните 11, додека гостите од Англија доаѓаат без Алекс-Окслејд Чемберлен, кој се повреди на првиот натпревар и ја заврши сезоната.
Реванш-натпреварот од полуфиналето на Лигата на шампионите меѓу Рома и Ливерпул се игра вечерва, од 20.45 часот.

 

Најнови вести